Соопштение од Прес Конференција

image Соопштение

„Изјавата на Министерот за образование Никола Тодоров дека навремено ги потпишува фактурите за трансфер на финансиските средства од државата кон општините врз основа на блок дотации, е само уште еден доказ дека овој министер воопшто нема врска со случувањата во неговиот ресор и со стварноста.Станува збор за две различни работи за кои говориме јас и тој. Не е спорно дали секој месец потпишува фактури, туку колкави износи на средства префрла.Тој говори за плати, јас говорам за комуналии што се две сосема различни работи .“Ова денес пред новинарите го изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој за односот на Владата кон локалната власт и кон училиштата и децата илустрираше преку примерот за основното училиште „Лазо Трповски“ кое се наоѓа на територија на Општина Карпош.

Имено за месец февруари Министерство за образование за ова училиште за сите комуналии, греење, струја, телефон и ѓубретарина префрлило се на се 700 евра додека месечните трошоци на ова училиште исто за февруари се над 13.000 евра. Кој ќе ги надомести овие пари, праша Јакимовски? Или поинаку кажано, ако вкупните дотации за Општина Карпош за 2010 година изнесуваат над 206 милиони денари, само за плати се над 191 милион денари, а за комуналии се наменети 15,2 милиони денари за цела година за сите 10 основни училишта. Колку се тие доволни говори фактот што само за јануари и февруари трошоците за тековно одржување ја надминаа сумата од 13 милиони денари, или за остатокот на годината за оваа цел остануваат да се распоредат два милиони денари на сите училишта. Ваквиот однос на власта говори за крајна негрижа кон училиштата и децата, додека од друга страна „истура пари“за непродуктивни проекти. Инаку Владата на Репиблика Македонија ги намали блок дотациите кон Општина Карпош од 2009 година до сега за околу 11,5 милиони денари без никаква законска основа, со што дополнително го загрози нормалното функционирање на школите во Карпош, за разлика од општини, како што е Аеродром, каде блок дотациите се зголемени за над три милиони денари.