ИЗЈАВА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ
Реакција Дали господинот министер и неговиот заменик прочитале некоја меѓународна конвенција на трудот? Знаат ли тие дека треба да се грижат за законските права, подеднакво и на вработените и на невработените? Знаат ли во кој ресор работат и дека едно од основните, со Устав загарантирани права и меѓународни конвенции на кои сме потписници и ние како држава, е и правото на штрајк.
Прашање е и од каде ги црпат ингеренциите за скусување на овие права?
Ниту јас како градоначалник, ниту тие како министерство, смееме ниту можеме да ги попречуваме негувателките во остварување на нивните со закон и со Устав загарантирани права.
Наместо тоа, многу поцелисходно е да се потрудиме да најдеме решение. И покрај сите мои заложби и добра волја, немам никаква законска моќ да одговорам на нивните барања за регулирање на нивниот работен статус. Пред се поради тоа што во тоа ме попречуваат токму Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии преку некооперативноста околу решавањето на овој егзистенционален проблем за 44 негувателки. Нека одговорат јавно дали е законска обврска на Владата да даде одобрение за вработување на лице кое влегува на работа на местото на пензиониран работник, или не?
Со едностраните обвинувања тие само купуваат време за својата индолентност кон битните социјални прашања во државата, на штета токму на овие лица.
