Градоначалник

Стевчо Јакимовски е роден на 27.08.1960 година.

Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, 1987 година.

Бил волонтер, новинар во спортската редакција на Радио Скопје, јануари-јуни, 1988 година, потоа во информативно-политичката редакција на втората програма на Радио Скопје, јуни-октомври 1988 година.

Бил стручно-политички работник во Претседателството на Младина на Југославија, октомври 1988 година - мај 1990 година.

Работи како приватен стопанственик, а од јануари 1992 година станал директор на „Катланово-Турс“.

Во септември 2000 година бил избран за градоначалник на општина Карпош, а во ноември 2003 година за министер за економија во Владата на Република Македонија.

Министер за труд и социјална политика бил од декември 2004 до јуни 2006 година.

По завршувањето на мандатот е вработен во своја приватна фирма.

Активно користи англиски јазик.

Поседува одлични ораторски и аналитички спосособности, комуникативност и умешност за пишување.

Одлични организаторски способности, лидерство и тимска работа.

Еден е од најпознатите македонски колумнисти.

Поранешен репрезентативец на Македонија во карате и петкратен републички првак.

E-mail: gradonacalnik@karpos.gov.mk

На овој линк читајте ги колумните на градоначалникот: http://storify.com/JStevco

 

Надлежности на градоначалникот

(1) Градоначалникот:
1. Ја претставува и застапува општината;
2. Ја контролира законитоста на прописите на советот;
3. Ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината;
4. Го обезбедува извршувањето на одлуките на советот;
5. Го обезбедува извршувањето на работите коишто со закон ñ се делегирани на општината;
6. Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот;
7. Го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
8. Го извршува буџетот на општината;
9. Избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
10. Редовно го известува советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со статутот;
11. Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон;
12. Донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
13. Раководи со општинската администрација;
14. Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон.
15. Обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината, во согласност со закон и статутот и
16. Врши други работи утврдени со закон и со статутот.

(2) Градоначалникот може да овласти раководен службеник на општината да ја води постапката и да решава во управни работи, како и да потпишува акти.

Член 51

Контрола на законитоста на прописите пред нивното објавување

(1) Ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

(2) Советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него.

(3) Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.

(4) За иницијативата од ставот (3) на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Член 52

Извршување на функцијата градоначалник

(1) Новоизбраниот градоначалник ја презема должноста од претходниот градоначалник во рок од седум дена од денот на изборот.

(2) Градоначалникот ја врши професионално својата функција.

(3) За време на вршењето на функцијата градоначалникот не може да врши друга професионална дејност.

(4) Градоначалникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење во советот.

(5) Градоначалникот определува кој од членовите на советот ќе го заменува во случаи на спреченост или отсуство, во согласност со постапка утврдена со статутот.

(6) На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето кога го заменува градоначалникот.

(7) Претседателот на советот не може да го заменува градоначалникот.

(8) Платата и  надоместоците на градоначалникот, како и надоместокот за членот на советот кој го заменува градоначалникот, се уредуваат со закон.

Член 53

Конфликт на интереси на градоначалникот

(1) Градоначалникот не може да биде именуван за член во надзорни, управни и контролни органи на трговски друштва и јавните служби.

(2) Градоначалникот не може да учествува во процесот на одлучување за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.

(3) Градоначалникот е должен да го информира советот за интересот од ставот (2) на овој член.

(4) Во случаите од ставот (2) на овој член одлучува еден од членовите на советот избран на начин на кој се избира претседателот на советот.

Член 54

Престанок на мандатот на градоначалникот

(1) На градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:
- ако поднесе оставка;
- во случај на смрт;
- ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци;
- ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;
- ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори;
- во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

(2) За оправданоста на отсуството од ставот (1) алинеја 6 на овој член одлучува советот, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на советот.

(3) Членот на советот кој го заменува градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на настапувањето на еден од случаите од ставот (1) на овој член е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

(4) Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (3) на овој член ја известува Владата на Република Македонија, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од случаите од ставот (1) на овој член и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон.

(5) Советот, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата од ставот (4) на овој член, ќе избере еден од членовите на советот кој ќе ја врши должноста на градоначалникот за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот.

(6) На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето на вршењето на должноста градоначалник во согласност со ставот 5 на овој член.

(7) Изборите од ставот 4 на овој член нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од шест месеци.