КАРПОШ ЈА ДОБИ ПРВАТА МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА ГРАЃАНСКО УЧЕСТВО ВО ЛОКАЛНИТЕ ПОЛИТИКИ

На платото во ТЦ Лептокарија, се одржа настанот „Промотивниот ден мЗаедница“, наменет за промовирање на мобилната апликација за Општина Карпош. Станува збор за првата мобилна апликација за учество на граѓаните во локалните политики, пријавување на проблеми, давање предлози и преземање на иницијативи.

Ова е еден иновативен метод за дополнително унапредување на комуникацијата меѓу локалната самоуправа и жителите на Карпош. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев го истакна своето задоволство од успешната соработка меѓу локалната власт и Центарот за социјални иновации „БЛИНК 42-21“ и USAID.

 

-  Ова дополнително ќе ја зголеми ефикасноста на општинската администрација, затоа што граѓаните имаат можност директно да комуницираат со секторите при локалната самоуправа, но и да даваат свои креативни предлози и иницијативи за уредување на одреден јавен простор, рече Богоев.

 

На настанот се обрати и Милан Танчески, од „БЛИНК 42-21“ кој посочи дека Општина Карпош е пионер во воведувањето на ваков вид мобилна апликација, со што на директен начин граѓаните се вклучени во локалните прашања и процесот на донесување на одлуки.

Во текот на настанот се делеше и промотивен материјал и им се даваа насоки на граѓаните како да ја симнат мобилната апликација, од својот IOS  или Android уред.

Мобилната апликација е бесплатна за преземање преку Google Play: https://goo.gl/Y9qhpE и App Store: https://apple.co/2SbERqJ за корисниците на паметни телефони.