АМБАСАДОРОТ ТИМОНИЕ И МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ВО ПОСЕТА НА КАРПОШ

  Со обиколка на спортската сала „Партизан“ започна денешната посета на амбасадорот на Франција во Скопје, Кристиан Тимоние и министерот за образование и наука, Арбер Адеми на Карпош.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев ја истакна важноста на спортскиот центар „Партизан“ за карпошани, но и за сите граѓани на Скопје. Затоа локалната самоуправа поведе иницијатива за спас и обнова на овој култен спортски објект, кој претставува донација на Владата нФранција по катастрофалниот земјотрес во 1963 – та.

Исто така, се формираше и работна група која веќе работи на идеен проект за обнова на „Партизан“, веднаш штом објектот ќе биде  даден во  владение на Општината.

 

               -Партизан е симбол на Карпош и драго ми е што е препознаена нашата иницијатива и желба за спас на овој објект од повеќе чинители. Враќањето на оваа сала во функција на спортот и рекреацијата е наш приоритет, изјави Богоев пред присутните новинари.

 

Посетата на Карпош продолжи во општинското основно училиште „Братство“, во Тафталиџе 2. Градоначалникот Богоев, амбасадорот Тимоние и министерот Адеми имаа можност да присуствуваат на час по француски јазик, да поразговараат со учениците, наставниот кадар и директорката на училиштето. Притое, тие цврсто се заложија за дополнително унапредување на изучувањето на францускиот јазик на локално ниво.

 

          Амбасадорот Тимоние во изјавата за медиуми се осврна на училиштето „Братсво“, кое е именувано по девизата на Француската Република. Ова училиште е пример за образовна установа каде што се негуваат различностите и соживотот уште од најмлади години.

Министерот Адеми посочи дека Министерството за образование и наука ќе продолжи со поддршката на основното образование од сите аспекти, а треба да се има предвид дека францускиот јазик е меѓу најдобро позиционираните јазици во светот и неговото изучување  е исклучително значајно.

 

              Денешната посета на високите гости заврши во Француското интернационално училиште, лоцирано во Карпош 4. Присутните се запознаа со условите во кои се образуваат голем број на дечиња кои се државјани на Франција, но и ученици од Македонија.