ПАРТИЗАН ОБЕДИНУВА - СЕ ПОДГОТВУВА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА САЛАТА

   Иницијативата за спас и обнова на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ - Партизан го привлече вниманието и на двајца млади архитекти, Томас Ромеро Талеј од  Шпанија (Барселона) и Матеус Сартори (Бразил) кои денеска беа во посета на салата заедно со претставници од Општина Карпош, Меѓународната невладина организација „Културно Ехо“, Стрелачката федерација и Сојузот на ветерани.

 

Во контекст на тоа, тимот од Општина Карпош, заедно со „Културно ехо“ и двајцата архитекти веќе  работат на идејното решение за салата, како и на програмско - содржинскиот концепт на истата, со цел да започне процесот на ревитализација штом „Партизан“ се врати во сопственост на Општина Карпош.

 

Сите страни се согласни дека треба да се задржи автентичноста на објектот и намената на просторот, но и да се направи стратегија за одржливост на овој култен спортски објект.

 

Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“ има обединувачки карактер, со вклучеување на повеќе засегнати институции, на граѓанскиот сектор, на спортските работници и на стручната јавност (архитекти).

 

Намерата на Општина Карпош е „Партизан“ да биде позитивен пример за начинот на кој треба да се „ресетира“ еден запуштен објект кој претходно претставувал јавно добро.