КАРПОШ НА ТОЧАК – АКТИВИРАЈ СЕ!

 Општина Карпош започнува со мерката за субвенционирање на купување велосипеди за сите заинтересирани карпошани. Ова е една од мерките која градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ја најави при креирањето на Буџетот за 2018 година, со цел да се намалат загадувањето и сообраќајниот хаос, а со тоа директно да се придонесе кон заштита на животната средина.

За да се стекнат со ова право, жителите на Карпош треба да поднесат барање до архивата на Општината, фотокопии од лична карта  и трансакциска сметка, како и оригинал фискална сметка со сметкопотврда, (за купен велосипед не порано од 26 април 2018 година).

Субвенцијата е во износ од 30 % од сумата на велосипедот, но најмногу до 3.000 денари, и ќе биде доделувана по принципот прв дојден, прв услужен”, се до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот.

 

- Сакаме да ја зголемиме атрактивноста на велосипедот како превозно средство и затоа започнуваме со оваа мерка, која е дел и од мојата програма за работа, рече Богоев, од Кејот на реката Вардар. Патем, тој најави дека за старт на оваа мерка веќе се издвоени 300.000 денари, но доколку се утврди исклучително голем интерес кај граѓаните,  за што веќе има индиции, износот на средства за овие субвенции драстично ќе се зголеми, веќе со првиот нареден ребаланс на Буџетот на Општина Карпош.

 

Мерката за субвенционирање на велосипеди, сама по себе ќе предизвика зголемен интерес за користење на ова превозно средство, но, сепак, потребно е да се преземат и други мерки во насока на подобрување на велосипедската инфраструктура.

Богоев потенцираше дека Општината ќе се фокусира кон реконструкција на велосипедските патеки долж сервисните улици и нивно поврзување со булеварите.

Поттикнувањето за користење на велосипед е значаен чекор, но создавањето на услови за поголема мобилност и заштита на велосипедистите, исто така е приоритет за локалната самоуправа.